#5од5 со: Јовче ПАНДЕВ [музичар]

Рокенролот е нешто што се сака и живее цел живот!
Да, така го знаеме Јовче Пандев од Струмица. Кога застане на сцена и почне да пее, нема човек во градот кој нема да се препознае во изборот на песните. Секогаш кога пее тоа е вистинска забава и уникатно искуство за присутните. Додава посебен шмек на музиката, ја прави различна на посебен начин и она што останува како сеќавање од неговите настапи е дека сите си поминале одлично.
Еве го Јовче Пандев во рубриката #5од5, каде достојно, иако со мало задоцнување ни даде одговори кои се оригинални и откриваат дел од неговиот карактер.
1. Што прво правиш во денот?
– Понекогаш и не, ама најчесто ја слушам фреквенцијата на мојот тинитус. Потсетување за карактерот, животот и неговата искушеничка содржина.
2. Кафе, чај или сок наутро?
– Кафе не пијам. Чај по потреба. Сок од цвекло може.
3. Спорт или филм?
– Тоа ми се две различни сфери. Филмот го доживувам многу интимно и речиси секојпат гледам сам. Така најдобро го примам. А спортот е најблагородната форма на компетитивност. Величенственост на човековиот род. Ако морам да се откажам, ќе се откажам од филм.
4. Планина или езеро?
– Ако мистиката, воздухот полн со кислород, ладната сенка и добрата скара, асоцираат на планина, изборот не е тежок. Планина.
5. Политиката би ја сменил со…?
– Политиката би ја сменил со функционална политика, практичност и доблест. Многу доблест.