Која е најблиската галаксија до Млечниот Пат?

Научниците веќе долго време знаат дека Млечниот Пат не е единствената галаксија во универзумот. Нашата галаксија е дел од локална група – склоп од 54 галаксии и помали галаксии (џуџиња) – исто така е дел од поголема формација позната како Суперсоѕвездието Девица. Кратко речено, нашиот Млечен Пат има многу соседи.
Од нив, повеќето научници ја сметаат галаксијата Андромеда за наш најблизок сосед. За волја на вистината, Андромеда е нашата најблиска спирална галаксија, но не и најблиска галаксија. Оваа дистинкција всушност постои во самиот Млечен пат и според неа, за најблиска галаксија се смета џуџестата галаксија Canis Major (Големо Куче).
Оваа ѕвездена констелација е оддалечена 42 000 светлосни години од галактичкиот центар и на само 25 000 светлосни години од нашиот Сончев систем. Според тоа, таа е поблиску до нас отколку центарот, којшто е оддалечен 30 000 години од Сончевиот систем.
Пред неговото откривање, научниците верувале дека џуџестата галаксија Стрелец била најблиската галактичка формација до нашата. Оддалечена 70 000 светлосни години од Земјата, во 1994г. оваа галаксија се сметала за поблиска до нас отколку Големиот Магеланов Облак, неправилна џуџеста галаксија оддалечена 180 000 светлосни години, којашто до тогаш ја држела титулата за наш најблизок сосед.

Но, сето тоа се сменило во 2003г. кога била откриена џуџестата галаксија Големо Куче со астрономска мисија која се одвивала во периодот 1997 – 2001г. Користејќи ги телескопите поставени во опсерваторијата на планината Хопкинс во Аризона (за северната хемисфера) и во интер-америчката опсерваторија во Черо Тололо во Чиле (за западната хемисфера), научниците биле во можност да направат сеопфатно истражување на небото со инфрацрвена светлина, којашто не е блокирана од гас или прашина како што е со видливата светлина.
Така, најновата теорија е дека оваа галаксија била присвоена (или проголтана) од страна на галаксијата Млечен Пат. Други ѕвездени јата кои орбитираат околу центарот на Млечниот Пат како сателити (на пр. NGC 1851, NGC 1904, NGC 2298 и NGC 2808) – се смета дека претходно биле дел од џуџестата галаксија Големо Куче пред нејзиниот прираст. Со откривањето на оваа галаксија, како и подоцнечната анализа на ѕвездите поврзани со неа, се поддржала теоријата дека галаксиите можат да растат голтајќи ги нивните помали соседи. Галаксијата Млечен Пат ја има својата големина како што е сега со јадењето на други галаксии како што е Големото Куче, а продолжува да го прави тоа и денес. И штом ѕвезди од џуџестата галаксија Големо Куче технички се веќе дел од Млечниот Пат, по дефиниција таа е најблиската галаксија до нас.
Астрономите исто така веруваат дека џуџестата галаксија Големо Куче е исто така во процес на расцепување од страна на гравитационото поле на помасивната галаксија, Млечниот Пат. Главното тело на оваа галаксија е веќе крајно деградирано и претставува процес којшто ќе продолжи како што самата галаксија патува околу и низ нашата галаксија. Со текот на времето, овој процес на прираст најверојатно ќе кулминира со депонирање на 1 билион ѕвезди од Големото куче во депото од 400 билиони ѕвезди кои се дел од Млечниот Пат.
Галаксијата Андромеда пак, којашто е најблиската спирална галаксија до нас и иако е гравитациски поврзана со Млечниот Пат, таа не е најблиската галаксија – оддалечена е 2 милиони светлосни години. Во моментов, галаксијата Андромеда се приближува кон нашата галаксија со брзина од околу 110 км во секунда. За околу 4 билиони години, галаксијата Андромеда се очекува да се судри со нашата, формирајќи на тој начин една, супер-галаксија.
За Strumica Online пишува: Марјан Минов