25 минутна утринска рутина за убав ден

Речиси секој од нас вообичаено си легнува навечер со желба убаво да се наспие, да стане наутро без никаков проблем и да има доволно време и енергија за сите предизвици и обврски кои му следат со почнувањето на денот.
Но, за многумина тоа останува само желба. Вообичаено се останува до доцна навечер да се изгледа некој филм, серија, да се остане подолго време на социјалните мрежи или „да се заглави“ со пријателите на пијачка. Резултатот на сите им е познат: утрински мамурлак, нервоза, напнатост, постојано исклучување на алармот со утеха „уште 5 минути и станувам“, а кога ќе станете, одвај функционирате и уште не расонети, веќе сте нервозни и без енергија.
Овој бурен начин на станување, помешан со вината за доцното станување и непреземање ништо во однос на тоа, станува опасна комбинација којашто нè следи во текот на целиот ден. Работните перформанси се намалени, а начинот на размислување како и интеракцијата со другите се под силно негативно влијание. Започнувањето на денот на мирен начин овозможува да се чувствувате смирен и попродуктивен во извршувањето на дневните обврски и задачи. Вашето утро го поставува тонот за секој ден и вредноста на секој ден го конструира квалитетот на вашиот живот.
Постои моќ во првите неколку минути од почетокот на вашиот ден и според тоа можете да знаете каков би изгледал целиот ваш ден. Еден утрински ритуал исто така може да помогне во избегнувањето на менталната исцрпеност, нервоза и да му помогне на телото што полесно да ги завршите своите обврски. Овие неколку совети што следат навистина можат да го променат и секако, да го разубават вашиот ден.

- Пијте врела вода со лимон. Лимонот поседува висок процент на енергетска вредност, го хидратизира телото и го снабдува со дополнителен кислород. Лимонот е полн со витамините Б и Ц, потоа железо, магнезиум, калиум, калциум и растителни влакна. Овој чекор е клучен за хидратизирање на вашето тело и за да бидете свежи и ревитализирани во остатокот од денот. Пиењето врела вода со свежо исцеден лимон 15 до 20 минути пред вашиот појадок, помага во намалување на прекумерната телесна тежина, го потпомага варењето на храната, ја обновува кожата и ја заштитува од алергенски и инфекциски влијанија, а меѓу другото и можеби најважно, ја зголемува енергијата.
- Движете го телото. Секое утро поминете 10 (или помалку) минути, во зависност од вашето слободно време, во размрдување на вашето тело и олабавување на вкочанетите мускули, кои допринесуваат за дополнителна нервоза и напнатост. Најпрво, движете ги рамењета горе – долу и кружно, за да се отворат градите и да може белите дробови да работат со полн капацитет. На тој начин го „будите“ горниот дел од телото. Потоа, ставете ги рацете на вратот и вртете се лево – десно, а на крај наведнете се до земја и обидете се да си ги допрете прстите на нозете. Овие едноставни вежби и движења ќе допринесат вашето тело да биде поцврсто, да се зголеми протокот на крв низ целото тело и да се зголеми протокот на кислород во мозокот.
- Медитирајте. Медитацијата можеби за некого звучи нешто доста страшно, но всушност може да биде нешто што сакате да биде. Најдете некое тивко место и најдете си удобна седечка положба. Дишете длабоко, вдишувајте на нос, задржувајте го воздухот неколку секунди (колку што можете), а потоа полека испуштајте го воздухот низ уста. Одвојте барем 10 минути за медитација. Фокусирајте се на вашето дишење и потрудете се да се поврзете со себе (вашето внатрешно јас) и да постигнете рамнотежа на вашата физичка, ментална и емоционална состојба пред да започне вашиот ден. Медитацијата помага во ослободување од стрес и анксиозност, што ќе ви овозможи да уживате во мирен, среќен и опуштен ден.
- Запишете ги вашите намери. Одвојте момент и насочете ја својата енергија на тоа што сакате да биде или што сакате да постигнете. Можеби постои нешто што сакате да направите, да постигнете некоја цел во вашиот живот, да се откажете од некоја лоша навика и да станете подобра личност, како што посакувате. Затоа запишете. Ливчето со вашите намери може да ви помогне да постигнете среќа и исполнетост и да ви помогне да ги разберете вашите сопствени вредности, цели, намери и постигнувања.
За Strumica Online пишува: Марјан Минов